ЈОВАН
по милоста Божја, Православен Митрополит велески и повардарски и егзарх охридски, со сите архиејери на Православната Охридска Архиепископија, на сето свештенство, монаштво и побожниот народ на нашата помесна автономна Црква, испраќајќи им благослов и молејќи мирот Божји да биде помеѓу сите нас, го честита Христовото Воскресение со радосниот велигденски поздрав:
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ! ВИСТИНА ВОСКРЕСЕ!
Tајната на љубовта е надумна тајна. Возљубени, Бог е Љубов и ги љуби своите созданија, а особено човекот, на совршен начин. Човекот, пак, како икона Божја, и самиот е љубов. Взаемното проникнување во љубовта го чини Бога човек и човека Бог. Ваквото меѓусебно проникнување низ вода и оган, низ мраз и пламен, низ смрт и Воскресение прави и луѓето помеѓу себе цврсто да градат еден во полнота духовен, личносен однос.
Суштината на нашето раѓање, живеење и умирање е Воскресението. Оттука, неопходно е секој од нас, преку различните собитија што го снаоѓаат во животот, да помине низ она низ коешто мина Самиот Христос, низ распетието, смртта и пеколот, до Воскресението. Друг пат нема.
Најскапоцени, ако Христос не воскреснеше земјата не ќе беше ништо друго освен - едни големи, вселенски гробишта. Но, со својата жизнерадостност сè сведочи дека Христос воскресна, дека “Он е почеток, првороден меѓу мртвите, за да има првенство во сè. Бидејќи во Него благоволи Отецот да има секаква полнота, и преку Него да измири сè со Себе, било земно, било небесно” (Кол. 1. 18-20). Воскресението ја измени паднатата природа откривајќи ја восхитувачката возможност да се освети смртта, постоењето да се закваси со квасецот на новиот живот. И ете, дејствениот опит на Пасхата покажува дека смртта веќе не е слепата уличка на животот, но дверите од Царството каде што Сонцето на правдата изгревајќи бесконечни океани од светлина, не заоѓа.
Во Христовото воскресение, денес, веруваат многу луѓе, но малкумина се тие коишто чисто го гледаат. Светот, којшто нема удел во Црквата, ги умртвува душите на луѓето преку широкиот спектар на гревот: абортусите, безбожието, невработеноста, наркотиците, еколошката катастрофа, сидата... А, без покајание, најмили наши, возможно ли е да се види воскресението?! И, без да се види Христовото воскресение можно ли е да му се поклониме на Христа како на Господ?! Оти, свештената песна не гласи: откако поверувавме во Христовото воскресение, но: откако го видовме Христовото воскресение да Му се поклониме на светиот Господ Иисус единствениот безгрешен. Еве, Светиот Дух нè поттикнува да ја пееме оваа свештена песна, а ние го немаме видено Христовото воскресение коешто се случило пред околу две илјади години, а и тогаш никој не видел како воскреснал! Се разбира дека црковната песна не нè учи да говориме лага. Напротив, според светоотечката наука, таа ни оставила завет да ја возгласиме со тие слова совршената вистина напомнувајќи го она Христово воскресение коешто се збиднува во секој од нас, верните, и се збиднува не просто, но светоносно. Присуството на Светиот Дух го покажува извршеното во нас воскресение Господово, и уште повеќе, ни дава благодат да го созерцуваме Самиот воскреснат Христос Господ. Значи, без благодатта на Светиот Дух не можеме, ама баш ништо да постигнеме. Оттука, светоотечкото учење посочува дека стекнувањето на благодатта треба да биде целта на нашиот живот, дека Христа треба да го познаеме преку Светиот Дух, и дека без благодатта на Светиот Дух христијанството за луѓето останува голема непознаница, та според зборовите на Пророкот тие “очи имаат и не гледаат, уши имаат и не слушаат” (Пс. 134. 16).
Да разсудиме, сега, во што се состои тајната на Христовото воскресение којашто, ако посакаме, таинствено се совршува во нас, како сопогребение со Христа, и како Христос се соединува со нашите души, воскреснува во нас и заедно со себе си нè воскреснува и нас.
Христос, нашиот Бог, откако бил распнат на крстот, го приковал на него гревот на целиот свет, умрел и слегол во адот. Откако се издигнал од адот, влегол во пренепорочното свое тело и во истиот миг воскреснал од мртвите. Потем, се вознел на небесата со сила и слава.
На истиот начин, кога ние ги оставаме светот и светската суета, при исповедањето на страдањата Христови, влегуваме во радоста на покајанието и смирението, а Он самиот слегува од небесата, влегува во нашето тело, се соединува со нашите души коишто се мртви заради гревовите и ги воскреснува; и, откако ги воскреснува, ни дава благодат да ја гледаме славата на тоа таинствено воскресение.
Во воскреснатиот Христос синови и ќерки, на наша голема печал, денес живееме со фактот дека душите изманипулирани од епископите на Македонската православна “црква”, згора на сè, биваат умртвени и од отровот на пребивање во неединство со Православната Икумена, што бездруго го заматува чистото гледање на воскресението, релативизирајќи го значењето на празникот и сè сведувајќи на форма без содржина. Особено ако појдеме од бескомпромисниот став на Светите Отци дека благодатта на Духот Свети во полнота се излева и пребива само во Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, а на територијата на Р. Македонија, како нејзин дел, тоа е канонската Православна Охридска Архиепископија со којашто последниот бастион на комунизмот во Македонија - епископите од Македонската православна “црква” немаат ништо заедничко.
Кажете кога кај нас после 1967 г. дошол некој православен патријарх за да служи Литургија, или кога некој македонски архиепископ служел во некоја од православните метрополи? Никогаш. Побарајте да ви го покажат Томосот за автокефалност којшто за разлика од другите цркви - го немаат. Зошто нè напаѓаат со полиција дополнително уништувајќи го пред меѓународната заедница угледот на нашата татковина како таа да не се наоѓа во демократска Европа, и зошто на целиот православен свет, со истата таа полиција, му забрануваат да влезе во Македонија? Затоа што поаѓајќи од нивната комунистичка матрица црквата ја разбираат само како социјална организација со националистички определби. Но, Црквата не е, и не смее да биде тоа.
Да се дојде до Вистината, невозможно е ако си удобно распнат на крстот. Да се види Воскресението потребен е подвиг на самоодрекување и излегување од сопствената ограниченост и самодоволност. Да се биде Црква секогаш на прво место значи да се има литургиска заедница со сите православни цркви. Епископите на Македонската православна “црква” немаат апсолутно никаква заедница со ниту една канонска православна Црква. Барајќи благослов за сè што прават од црковно неграмотните политичари на коишто им треба “црква” којашто не размислува со своја глава, тие запаѓаат во вавилонското ропство на морализаторскиот пиетизам како оние коишто и “Бога го поправаат”. На тој начин, спротивставувајќи го сопственото мислење на Вистината, во недостаток на Апсолутната Љубов - Христос се утврдуваат во нивното право на заблуда жртвувајќи го, заради сопствената искомпромитираност, сиот народ. Добриот пастир секогаш оди пред своето стадо, а тие како наемници поткривнуваат зад него. Пребивајќи во недостаток, непознато им е дека љубовта е главниот spiritus agens, и главниот мотив на давање и примање на вистината. Да се достигне вистината значи нашето сознание да се поистовети со Вистината, да се стекне “ум Христов”, умот на Бога т. е. совршената слобода на умот. Големиот учител на нашиот народ Г. Прличев беседи: “Хрисјани работите не ни се хрисјански... Ели вака ке го употребјаваме духот и умот и разумот шчо ни ги дарва Господ за да имаме разлика од говедата!”
Со својата есхатолошка димензија Православната Охридска Архиепископија е црква на македонскиот народ, но и на сите други православни христијани на територијата на Република Македонија без разлика на нивната национална припадност. Во Црквата сме како што ќе бидеме во царството Небесно – сите едно (Јован 17. 21).
Ако бегло погледнеме во историјата, ќе видиме дека Добриот Пастир Христос беше распнат токму од сопствениот народ. Имајќи го сопствениот народ и сопствените великодостојници за свои најголеми непријатели, најсиромашните и најнеобразованите дванаесет апостоли успеаа да го преобразат целото човештво. Врз основа на тоа што се случувало во минатото треба да разсудуваме и за иднината. Сите злонамерни планови против Црквата ќе бидат како од ветрот развеана прашина, како искината мрежа пајакова и ќе бидат повод за уште поголема полза за Христијаните. Се разбира, со помош на божествената и непобедлива сила на Оној Којшто го прорече создавањето и триумфот на Црквата, пишува свети Јован Златоуст, додавајќи: ова никој не може да го порекне, освен ако е некој безумен и целосно неспособен да мисли.
Оние коишто се неспособни да мислат не можат да видат дека Литургијата т. е. Православната Црква во својата перспектива е ново искуство, осветување на времето, гледање на ново небо и нова земја. За нив Црквата си останува добар бизнис, комеморативна седница под плаштот на пастирското богословие, националшовинистичка идеологија за запалување на масите и заштита на сопствената кожа, фолклор.
Дотогаш Велигден ќе е причина за радост што се среќава само еднаш во годината.
Но, за оние коишто ја разбираат тајната на воскресението радост којашто се случува секојдневно и без престан.
Оваа непрестана воскресенска радост нека ги исполни и срцата Ваши, сега и секогаш и во вековите на вековите.