Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

→ English

→ Greek


→ Српски

Архиепископ Охридски и Митрополит Скопски

Протокол бр. 109 од 17 Декември 2005

До Црквата на Бога Отца и Господ наш Исус Христос, собрана на Евхаристија во Духот Свети, расејана по цела икумена, а сепак пројавена во едно Тело, прославена во Царството кое доаѓа и воскресната за живот вечен,

Ние, смирениот и во окови заради Христа, Архиепископ охридски и Митрополит скопски Јован го испраќаме ова


За љубовта да засветли, омразата да исчезне, надежта да заблеска, очајанието да се сотре, верата да се прослави, ереста да се победи и Христос да царува како Бог и Господ.

Лелекот на жалоста ваша нè повика татковски и братски да ве прегрнеме и со заеднички солзи тагата да ја преточиме во радост, а страдањето во надеж. Вие се обеспокоивте заради нашите окови кои бидејќи се заради Христа ги сметаме како добар благослов Божји, а нас, пак, нè обеспокои вашата притеснетост која не смее долго да потрае зашто може да ја повреди верата и да ја загуши надежта. Оние поискусните во духовната атлетика не треба да ги потсетуваме, но другите треба да знаат дека Господ не допушта повеќе искушенија отколку што можеме да поднесеме, а оние пак, што ги допушта, не се за да нè погубат, туку за да нè оснажат и да нè подготват за венецот со кој нашиот Отец небесен ќе нè удостои во времето за награда.

Ни пишувате дека тешко ви е и тажно што не можете да ни го видите лицето скриено во дебелите затворски sидови, но истата болка ја носиме и ние што не можеме да се израдуваме на вашиот благ лик и очите полни со солзи, на срцето ваше крваво, но веруваме не и безнадежно.

Ако за вас е мачно што не го слушате гласот наш, како што велите, со кој ви се благовестеше Радосната вест, колку ли ни е нас болно што преку sидот не го слушаме вашето „Амин“.

Значи, ако толку жалост има во вас што ние едниот сме привремено отсутни од вашето мноштво, ако имате неспокој затоа што еден кого го љубите не е присутен меѓу вас, што да речеме ние кои освен ангелите немаме во близина човек потта да ни ја избрише, чаша вода да ни подаде, во братски целив да нè прегрне.

И после сето ова, грешно ли е што таква болка нè раскинува, што таков чемер нè натежнува? Не само што не е грев, туку е сосем природно да ти недостасува и да жалиш по оној со кој сме телесно оддалечени. Оној кого го љубиш не мора да е многу далеку за болката да ти биде голема што не го гледаш. Доволно е да биде зад sидот. Ако sидот е изграден од тула или од друг современ градежен материјал каков што е sидот на затворот кој нè дели да се сретнеме, не плашете се. Тој е пропадлив, пробоен и лесно се прескокнува, без оглед на неговата висина. Него вашата вера постепено го нагризува, надежта ваша го растресува, а љубовта наша конечно ќе го сруши, зашто на крај ќе останат само тие три, како вели Апостолот (1 Кор. 13,13).

Непробоен е другиот sид, оној кој гревот го подига меѓу нас. Со тој навидум прозрачен материјал, на кој не можеш да му измериш густина или специфична тежина се градат најдебелите sидови меѓу нас. Секој грев кој го носиме во мислата е материјал за таквиот непробоен sид, а секој направен грев е веќе вграден материјал во тој sид. Преку таквите sидови љубовта тешко пробива, радоста тешко прескокнува. Таквите sидови нè оградуваат во царството на чамотињата и безизлезот.

Жалоста значи, не е несвојствена за нас паднатите од рајот. Жалиме по изгубениот рај, но жалиме и за отсуството на онoј кој го љубиме. Сепак, колку е поголема жалоста заради разделбата со љубените, толку е поголема ползата што ја носи таа жалост, ако ја поднесуваме со благодарност. Зашто, не само раните телесни, туку и жалоста на душата, а уште повеќе болката душевна носи голема награда, ако се поднесува со благодарност.

Ако, пак, жалите за тоа што не нè ослободивте од затворот, престанете. Зашто вие направивте сè што можевте. Дури и повеќе од тоа. Кога сфативте дека тоа е времено не можно, не се поштедивте себеси да побарате заедно со нас да ја делите затворската келија. Откако и ова последното се покажа неможно, не треба да се притеснувате дека не сте направиле тоа што можевте. Останатото ќе го доврши Бог.

Сепак, нема да премолчиме колку нè успокои вашата грижа за нас. „Не заради оскудицата го велам ова, зашто јас научив да бидам задоволен со она што го имам. Знам и да се понижам, знам и да изобилствувам, во сè и во сешто навикнав, и сит да бидам, и да гладувам, и да изобилствувам и да оскудувам. Сè можам во Христа кој ми дава сила. Сепак, добро направивте што зедовте учество во мојата жалост“ (Филип. 4,11-14 ), им вели Апостолот на Филипјаните, а ние на тоа немаме што да додадеме.

Во едно писмо упатено од прогонство, Златоустиот Јован ќе напише дека не носат само добродетелите награда, туку и страдањата. И тоа уште повеќе. Пример за тоа е Јов, страдалник и образец на трпението во кого се соединиле добродетелта и страдањето, па не знаеш во што е Јов подрагоцен, дали затоа што сјае со добродетелта како дијамант, или пак затоа што преку страдањето станал поцврст од дијамант.

Познати се добродетелите негови: гостопримство, сострадалност, милост, човекољубие, праведност, но и трудољубивост, кротост, мудрост, воздржаност и уште многу други. Сепак, со што тој просветли повеќе, со добродетелите, или со страдањата? Ако Јов е голем затоа што насобрал толку добродетели во животот, колку е поголем затоа што се покажал трпелив во страдањата што ги поднесе?

Кога беше значи Јов попросветлен, кога куќата му беше отворена за секого, или кога таа куќа му се сруши, а тој тоа го претрпи без ниеден жолчен збор, напротив го благослови Господа? Едното беше добродетел, другото жалост. Кога тој се покажа поголем, кога принесе жртва за успех на своите деца и ги сплоти во единство, или кога беа поклопени под рушевините на куќата и умреа на жалосен начин, а тој тоа го поднесе простум.

Што е поважно, тоа што од волната на сопственото стадо овци ги облекуваше сиромасите, или тоа што без возбуда ја прими веста дека уништени му се сите стада? Или што го направи попознат? Кога со неговото старечко тело застануваше во одбрана на онеправдените и им ги кршеше забите на оние кои причинуваа неправда, или тогаш кога гледаше тоа старечко тело да го јадат црви?

И покрај тоа што добродетелите на Јов се неспорни и доволни за венец пред Господа, страдањата го прават посветол, поголем, подостоен. Зашто страдањата се потешкиот дел од борбата, која за да се победи, потребно е голема машкост, психичка стабилност, мудрост и голема љубов кон Бога. Така, жалоста која ја носи страдањето, ако се прима со благодарност станува поголема од добродетелите кои човек со голем подвиг ги стекнува.

Кога Апостолот Павле се фали, без разлика што вели дека тоа го прави во безумство, не се фали за неговите добродетели. Свесен е дека според тој критериум, тој е само еден меѓу многуте кои се непорочни по Законот Божји.

Но, тој е голем Апостол зашто љубовта кон Христа ја докажа со страдање. Многупати затваран, бичуван, тепан со стапови, каменуван, пред опасност беше како што вели сам неколкупати да биде и усмртен. Преживеа бродолом, и тоа не еден, туку три, а да не говориме колку пати остана гладен, и жеден, и недоволно облечен, минувајќи долги и опасни патишта за да го благовести Евангелието (2Кор. 11,23-28). Сево ова би било неподносливо ако човек не го прими со благодарност и ако љубовта кон Бога не му е поттик да го издржи секое страдање.

Оној кој љуби тој страда, и колку повеќе љуби, толку повеќе страда. Во овој паднат свет постои некоја длабока врска меѓу љубовта и страдањето. Во идниот свет, оној кој со нетрпение го очекуваме, љубовта ќе го изгуби „квалитетот“ на страдање.

Сите пак, страдања кои ги претрпува Црквата се претвораат во сила на нејзиното искуство. Поднесувањето на страдања за Христа допринесуваат во напредокот на Евангелието. Или не се сеќавате на она што го вели Апостолот, дека сè што му се случи е за целиот царски суд и сите останати да знаат дека е во окови за Христа (Филип. 1,13).

Гледате, како злобата на противниците на Црквата, а во нашиов случај на еретиците, направи услуга на телото на Црквата? Господ ја преврти нивната злоба во сожалување кон нас. Цел свет дозна и се спротивстави на нашето неправедно заточение. А, и нешто друго. Оние кои до пред нашето сведочење за верата беа колебливи и нерешителни, сега се цврсто врзани за Црквата. Што е потполно природно, зашто верата се докажува низ мачеништво, не низ празни проповеди и добри желби без дела. Само оној кој тоа го искусил на себе може со Апостолот да рече: „И мноштвото браќа во Господа, ободрени од моите окови, уште повеќе се осмелија бестрашно да го говорат словото Божјо “ (Филип. 1,14). Значи, без разлика на тоа што некои имаат нечисти намери, и имаат за цел да нанесат жалост на нашите окови, Господ превртувајќи ја нивната злоба ја надградува Црквата. И пак, целото тело има полза, иако нашите противници сакале да нè повредат.

Ниту еден подвиг не носи толкава награда колку неправедното страдање. Секако ако се прима со благодарност. Но, понекогаш едното страдање го превзема друго, и пред да заврши тоа доаѓа трето, па четврто. Не знаеш дали има крај. Со примена на полициска сила нè избркаа од Митрополијата во Велес, а само кратко време потоа, со уште поголем терор и од манастирот во Неготино во кој бевме протерани. Потоа испратија маскирани и вооружени разбојници да нè заплашат. Прво го пљачкосаа, а потоа и го запалија манастирот кој почнавме да го градиме и ги повредија монахињите кои живееа во него. Монасите од другите манастири полицијата со примена на оружје ги избрка од нивниот дом, среде ноќ во месец Јануари. Пред наши очи суровите властодршци варварски ја рушеа изградената манастирска црква. Злословеа против нас со невидена злоба по сите срдства за информирање. Конечно нè затворија.

Секако не се радуваме на смртта ниту на судијата кој нè осуди, а умре премлад, ниту на човекот, кој ја сруши црквата, а Господ му го зеде животот уште пред да остари. Господ нè научи да ги љубиме и непријаталите, и дури да се молиме за оние кои нè навредуваат и гонат (Мт. 5,44). По примерот на Христа говориме: „Господи прости им не знаат што прават“, но заради вистината, заради правдата и заради педагогија на идните поколенија не треба да премолчиме дека ја заслужија казната Божја.

Вие знаете браќа наши дека Епископот е икона на самиот Христос. Наредувајќи тој да биде обесчестуван, затваран и мачен ја прифаќаш улогата на Пилат, прифаќаш да го судиш самиот Христос, сакаш да бидеш дури и судија на Бога. Затоа крајот на таквите луѓе е неславен. Не затоа што осудиле Епископ кој по својата човечка слабост може да има и грешки, туку затоа што ја осудиле иконата на Христос која е самиот Епоскоп, а тоа е исто како во затвор да го сместиле Господ Христос.

Наредувајќи пак, да се сруши црква исто како да си наредил да се руши телото Христово кое е Црква. Храмот го добил името по телото Христово кое се вика Црква и се собира во тоа место. Така рушејќи го тој ракотворен храм ти го повредуваш неракотворениот, Црквата Божја која се собира во тој храм.

И затоа казната Божја и во едниот и во другиот случај е толку остра. Господ реши да им го одземе животот на тие луѓе, многу брзо после нивното злосторство над Црквата. Им остави период за покајание и откако не го исползуваа на полза на своето спасение ги предаде на праведниот суд. На тој суд ќе нема привилегии за судиите од овој свет зашто ќе бидат осудени како и оние кои во овој свет биле осудени од нив.

Се сеќавате што му направија на Јосиф родените браќа? Ако е за утеха нас тоа ни го направија лажни браќа. Но, во суштина сè е исто. И кај него едното гонење го заменуваше друго, а другото трето. Над едно страдање се надоврзуваше друго, а над другото трето. Предавајќи го, го направија роб во туѓа земја, земја со туѓ јазик, со туѓи луѓе. Има ли поголем затвор од тој? Но, тој влезе и во вистински затвор, ги проба оковите, и бичувањата, и сите принудни затворски воздржувања. Од таму пак, излезе голем зашто страдањата кои ги претрпи го направија достофален. Како што и Апостол Павле страдањата за кои вели дека го раѓаат искуството го направија достофален. Со такво во себе потврдено искуство ќе им напише на Филипјаните: „Зашто вам ви е дадено за Христа, не само да верувате во Него, туку и да страдате за Него, имајќи ја онаа иста борба, каква што видовте кај мене и сега слушате за мене“ (Филип. 1,29-30). Oд страдањето се раѓа смирението, а смирението е поголемо од несреброљубието и безбрачноста. Смирението всушност е молитвата на срцето.

Така, страдањето носи три придобивки. Прво, оној кој страда станува смирен и поцврст од дијамант, второ неговото страдање им дава воља и храброст на оние на кои сеуште не им дошол редот да страдаат, и трето и најважно, подготвува венци на пофалба пред Господа.

A, нас како што и сами се уверивте, нашите непријатели, дури и без тоа да го сакаат, нè доведоа до таква положба од која не се во состојба повеќе да нè повредaт. Ги исцрпија сите стрели и не успеаа ништо, освен сами да се посрамат пред сите. Сега во целата икумена се познати како злобни еретици, кои освен за пакост и за борба против телото на Христа, за ништо друго и не знаат. Несвесно и повторно против своја воља ни помогнаа побзо и поуспешно да ги преобразиме сопствените страсти, работа што без нивната злоба ќе ни одземеше многу време и многу труд. Сепак, иако нивната зла намера Господ ја заврти кон полза за Црквата, тие не можат да бидат оправдани, зашто не направија добро по слободна воља, туку обратно, слободата на вољата ја употребија за валкање и клеветење на Црквата, нејзините Епископи и свештенослужители. Тие градат куќа на песок и очекувано е тоа што им се сруши. Но, благословувајте ги оние кои ве гонат, благословувајте ги и не ги проколнувајте (Рим. 12,14), вели Апостолот.

Клеветниците наши во ништо не се разликуваат по нивните злобни методи од оние кои од времето на Атанасиј Великиот ги употребија неговите клеветници, или пак од оние употребени во времето на Златоустиот Јован од неговите клеветници. Воглавно сите непријатели на Црквата ги употребуваат истите методи. Откако ќе увидат дека вистината ги поразила, дека останале без теолошки аргументи и дека треба да бидат судени за ерес, тогаш ги обвинуваат Божјите угодници дека вршеле финансиски проневери, или други ниски гревови кои не би ги направил ниту слабоверен христијанин. Не го обвинија ли Аријанците Св. Атанасиј дека бил среброљубец? Не требаше ли да излезе пред царскиот суд за да се докаже дека е богољубец, а не среброљубец? Не го направија ли истото со Златоустиот Јован? Не беше ли прогонет меѓу другото и за таа клевета дека ги злоупотребил парите од касата за сиромасите?

Ситните души, а воопштено сите противници на Црквата се такви, никогаш нема да разберат дека на големите луѓе парите не им се цел туку средство. Тргнувајќи од сопствената нискост, тие мислат дека сите се поткупливи, среброљубиви и страстољупци.

Пилат без советот на свештениците јудејски немаше да го распне Христа, а власта сама од себе, без настојувањето од еретиците, немаше да нè стави во окови. Но, добро е што нивното лицемерие се откри, нивната измама се објави, нивната лага се докажа. Нема веќе агол во икумената каде не се слушна за нивната дрска борба против Црквата, за нивното еретичко злословие. Го открија вистинското лице, она кое со децении го затскриваа зад расото. Плукнаа кон небото, но плуканицата им падна на лицето. И ако покрај сево гореспоменато, пак некој праша: Зошто Бог дозволува праведниците и Црквата негова да страдаат, а грешниците добро да ги поминат деновите од земниот живот?, ќе ви речам она што пред многу време го рекол Св. Максим Исповедник.

Во власта на нашата слободна воља се добрите и лошите дела кои ги правиме. Господ тоа од вечност го знае, но не го предодредува. Во Божја власт се казните кои нè снаоѓаат, но и наградите. Ние немаме власт ниту над болеста, ниту над здравјето, но имаме власт над причините кои предизвикуваат болест, или пак над оние кои го чуваат здравјето. Како што невоздржанието е причина за болест, воздржанието е причина за добро здравје. Држењето на Божјите заповеди е причина за добивање на Царството Божјо, а нарушувањето на Божјите заповеди води кон пеколот. Но, се случува понекогаш благочестивите, оние кои ги држат заповедите Божји и ја исполнуваат Неговата воља да страдаат во овој свет, а оние непобожните, самољупците и горделивците да доживеат спокојна старост.

Овие првите кои страдаат на правда, Бог ги познал од вечност, го има нивниот логос уште пред светот да биде створен и нив ги гледа преку крајот, преку последниот Негов суд како спасени, како делови на телото на Неговиот љубен Син. Тоа се светителите. Тие ја извршуваат вољата Божја, нивната воља ја покоруваат на вољата Негова, и така нивната воља која е слободна и која Бог не им ја предодредува постанува иста со вољата Божја за нив. Преку искушенијата и страдањата тие биваат испробани дали се цврсто одлучни нивната воља да ја покорат на Божјата. Како што се случи да речеме со Јов и Јосиф.

Јов беше искушан за да се објави неговото јунаштво, дотогаш невидено, а Јосиф за да се покаже неговата целомудреност и воздржание кои човека го прават свет. И секој друг од светителите кои дури и да не страдале доброволно, претрпеле невољи во овој свет по Божјо допуштение, за да го победат и му ја сотрат главата на човековиот непријател - ѓаволот.

Оние грешниците пак, што навидум добро го поминуваат животот се како петте неразумни девојки што отидоа да го чекаат младоженецот со празни раце, без добродетели. Го дочекаа денот на свадбата, но не влегоа на свадбата и ги слушнаа оние страшни зборови: „Не ве познавам“ (Мат. 25,12). Тоа се најстрашните зборови што човек може да ги чуе од Бога. Бог нè познава нас луѓето како логоси во Логосот, како битија собрани во Неговиот Син. Ако нè нема во Логосот, ако не сме дел од Неговото тело, тогаш Бог не нè познава. Постоиме, но како да нè нема, времено сме се кренале од прашината од која сме составени, за пак да се вратиме во неа. Така, без разлика дали некои долго и удобно ќе поживеат во гревот, иако е тоа ретко и скоро неможно, која им е ползата, ако после смртта трагата им се избрише и споменот им исчезне? Ако Бог не ги познал немаат ни учество во вечноста, а сигурно дека не ги познал зашто тие сами се покриле со гревот за Бог да не ги гледа. Тие не отпаѓаат од вечноста заради тоа што Бог така предодредил. Бог ги љуби сите кои ги створил, но тие отпаѓаат од вечноста затоа што самите така одбираат, да влезат во пеколот преку удобен живот во гревот, а не во рајот во кој се влегува преку искушенија, невољи и страдања кои нè чистат од гревот.

Затоа браќа наши, возљубени чеда во Господа, „Ако некој го има Него (Христа) во себе, нека сфати што сакам, и нека ми сочувствува, знаејќи со што сум опфатен“, им вели Св. Игњатиј Богоносец на Римјаните кратко време пред да го растргаат лавовите (Рим. 6,2). И потоа продолжува: „Љубовта моја се распна и нема во мене оган што сака било што материјално, туку во мене е вода жива и жуборечка која одвнатре ми говори: Ајде кон Отца! (Рим. 7,1)

Ајдете љубени во Господа сите да одиме кон Отца, таму каде пред сите векови местото ни е подготвено да царуваме со Синот Божји како членови на Телото Негово, поврзани со врската на Духот Свети.

Пред Рождество Христово 2005
Затвор Идризово – Скопје