Протокол бр. 203 од 31.12.2004
ОКРУЖНО ПОСЛАНИЕ
ЗА БОЖИК 2004г.
Чеда во Христа возљубени,
Раѓањето Христово не е само еден помеѓу многуте историски настани. Божик не е само спомен на минатото. Тоа е настан кој е вкоренет во иднината, настан поврзан со она што треба да дојде, затоа е вечен, ненадминлив и неодминлив.
„Девојка денес надсуштествениот го раѓа...”, се вели во кондакот на празникот. Денес, Марија го раѓа Оној кој ја удостои да биде Богородица, го раѓа Оној кој постоеше пред таа да биде родена, Оној кој суштествуваше пред светот и створената природа да добијат суштество. Денес, браќа и сестри е ден кој се разликува од другите, ден кој им дава смисла на другите денови, ден во кој створеното потполно се соедини со нестворениот, тварта со Творецот, ологосеното со Логосот.
А, потребно беше тоа да се случи за светот конечно да ја најде својата цел, човекот смислата, створената природа спасението. Зашто без потполно соединување на створеното со Нестворениот, без непроменливо единство на тварта со Творецот, за човекот нема иднина, нема вечност.
Сите несреќи кои го следат човекот, сите страдања и тешки моменти во неговиот живот се затоа што човекот не го доживува Божик како празник наменет за него, како настан во кој тој неодложно треба да учествува. Сите недоразбирања, нетрпеливости и војни би завршиле за секогаш, ако човекот постане соучесник во тајната на боговоплотувањето.
Зашто каква е смислата да се жестиш и негодуваш, ако Христос се роди, каква е смислата меѓусебно да се бориш и да војуваш, ако Христос се роди, каква е смислата некого да мразиш, ако Христос се роди. Христовото раѓање ја обесмисли секоја поделба, омраза и раздор, бидејќи дојде Христос да соедини, не да раздели, да измири, не да раскара, да живееме возљубени, а не љубоморни.
Христос се воплоти, браќа мои,
за ние нему браќа да му станеме. Се воплоти и стана човек за ние богови да постанеме. Се роди и прими човечко тело за ние да се обожиме. Голема е и неизречива таа љубов, страшна и неискажлива е таа тајна. Се воплоти Христос, но како никому не откри, се роди како човек, но на кој начин остана да биде Бог, никој не разбра. Сепак, токму затоа што е и Бог и човек може да нè спасува, да нè обожува и да нè воведе во Царството на неговиот и нашиот Отец.
Чеда во Христа возљубени,
Верата дека Христос како Бог постана човек, дека се роди за да ја насочи нашата иднина, дека го спои небото и земјата за ние да се соединиме со небесните, во наше време ослабе и сè повеќе се меша со кривоверијата и неверијата. Малкумина се тие за кои верата е знаење за сè што се надеваме, како што вели божествениот Павле. Не се многу на број оние за кои Христовото раѓање е настан во кој се повикани тие да учествуваат. Не да го гледаат како театарска претстава, не да ракоплескаат или да негодуваат, туку да учествуваат, претходно подготвувајќи се со пост за да се спремат за големиот настан, дочекот на Логосот кој слегува за да нè ологоси, да нè обожи, да нè спаси.
Отсуството на правата вера особено е воочливо во овие посткомунистички години. Комунизмот го заврши своето. Ја раслаби верата во Бога, го уништи моралот кај луѓето, а со тоа им ја загрози иднината и спасението. Зошто сега сме во толкава духовна и материјална декаденција? Зашто нашите претходници јадеа кисело грозје, вели Светото Писмо. Кризава во која што се наоѓаме не е производ на неумешноста на нашиве современици колку што е последица на комунистичкиот духовен разврат и неверије. Правеа сè за да ја уништат Црквата како што беше зацртано во нивната идеологија. Расколот кој го направија во Црквата во 1967г. прогласувајќи на пучистички начин автокефалија беше план да ја уништат Црквата. Не знаеја само едно, Црквата е неуништлива бидејќи е тело на денесродениот Христос, но правеа сè за да ја остварат нивната атеистичка идеологија. На голема срамота и жал, до денес никој од нив не излезе да признае колку декадентна идеологија имаа, колку злосторства направија, колку неморал посејаа. Вовлекоа во Црквата луѓе нецрковни, неверници, неспособни и тоа ги поставија епископи, со една и единствена цел, да ја контролираат Црквата и да програмираат во одредено време да ја срушат.
Се сруши комунизмот, а Црквата остана. Но, последиците од комунизмот останаа и во Црквата. Оние луѓе кои комунистите ги вовлекоа во Црквата уште се на нивните стари позиции. Најверојатно со истите задачи да ја рушат Црквата. Сега тоа никому не му е потребно освен на ѓаволот, но тие и ништо друго не знаат. Ним Црквата никогаш не им била мајка, ним Бог никогаш не им бил Отец. Многумина од епископите на расколниците во Македонија сеуште не ги искинале црвените партиски книшки и не се тргнати од платниот список на УДБА. Схизмата ја ползуваат за да живеат комотно, без одговорност, неморално и непобожно, како што не би можеле да живеат во колку се во единство со Црквата во вселената.
Сепак, само две можности има за еретиците и расколниците. Или ќе бидат запомнети во историјата како негативни примери, како што е запаметен Ариј, или Евномиј, или прилепчанецот Акиндин, или пак, името никогаш нема да им се спомене зашто потонале во несеќавање и заборав. Нивната смрт е пред да умрат, нивното распаѓање, пред да влезат во гробот.
Да се потрудиме, возљубени чеда во воплотениот Христос,
ние да не бидеме меѓу непомјаниците. Да се потрудиме името да ни се запише на небесата. Зашто во едно треба да сме сигурни. Не може и на вистинската Црква, и на еретиците и расколниците имињата да им бидат запишани на небесата. Од единствена и едноставна причина што идниот живот не може да се живее во погрешна вера, во неединство, во љубомора, во завист, во гнев до изедување. Идниот живот кој ни го подари денес родениот Логос ќе биде живот во едномислие по слобода, не по нужност, во мир, единство, почит и љубов. Во Царството на Богочовекот кој денес се роди, нема место за поделби по идеологии и партии, поделби по нации и држави. Затоа, во него не ќе може да влезат ниту еретиците, ниту расколниците.
Браќа свештенослужители кои од различни причини сеуште пребивате во раскол,
време е да ја отфрлите таа душепогубна состојба и да почнете да служите на вистинскиот олтар. Надвор од единството со Православната Црква, нема вистински принос, нема Литургија која спасува. Внимавајте, не служејќи на олтарот Божји да не постанете незнабожечки жреци, кои само заради лична полза вклучени се во некаква театарска претстава за црквата. Ниедна света тајна нема дејство надвор од Црквата. Немате ли дилема тогаш кога крштевате, или венчавате, а да не зборуваме за тогаш кога совршувате Литургија, дали тие тајни ви се примени од Бога? Дали вашите молитви не се како оние на Арона пред златното теле? Повеќе од сигурни сме дека кај повеќето од вас, таква дилема постои.
Неумесно е да си играме со Царството Божјо. Ако вашите епископи се непокајници, а вие многу добро знаето зошто ним не им одговара да влезат во единство со Православната Црква, вас ништо не ве спречува да ги напуштите, да ги оставите да тонат во нивното непокајание, да пребиваат во грлото на аждајата која сака сите луѓе да ги проголта. Нивниот неморален живот познат е во сите православни Цркви. Но, вашата чесност и моралност смешана со нивната нечесност и неморалност се валка и унедостојува. Црквата е така поставена што тогаш кога имаме заедница со еретиците и расколниците, и покрај тоа што ние тоа можеби и не го сакаме, постануваме еретеци или расколници заради заедничката чаша со нив, заради заедничкото причестување со нив.
Сигурни сме дека меѓу свештенослужителите има благоразумни и богобојажливи луѓе. Многумина се плашат да пристапат кон Православната Охридска Архиепископија од тортурите кои ги спроведува власта над нејзините членови. Многумина размислуваат како ќе им егзистира семејството ако расколничките епископи ги исфрлат на улица, како што без милост ги исфрлија монасите и монахињите на сред зима, на полноќ, од нивните манастири кои самите ги граделе. За тоа Господ ќе им врати, на старост да немаат вода кој да им подаде, и тоа ќе имате прилика да го видите. Но, вие не се плашете. Не рекол ли Господ дека оној кој служи на олтарот од олтарот ќе живее? Излагал ли некогаш Господ? Бидете сигурни дека нема да ве остави до колку преминете во канонската Црква, но со вашите парохијани, со црквите и параклисите кои ги има парохијата, не оставајќи им ништо на расколниците, бидејќи тие се само узурпатори, а во Црквата туѓинци.
Кон тоа на крај ве обврзува Богочовекот, кој дојде да ни ја открие правата вера, да ни благовести мир и добра волја, да нè приведе во единство со Бога и Отца. Нека ни биде Раѓањето Христово вечен мост меѓу небото и земјата, меѓу створеното и нествореното, меѓу нас и Бога.
Христос се роди!
Ваш горешт молитвеник пред воплотениот Спасител
+Јован Митрополит велески и повардарски и Егзарх охридски