Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Ј О В А Н

по милоста Божја, Архиепископ охридски и Митрополит скопски,

до целата полнота на нашата најсвета Архиепископија Охридска

 

 

Благодат, милост и мир, од воскреснатиот во слава, Господ и Бог и Спасител наш Исус Христос.

 

Браќа сослужители и чеда во Христа возљубени,

оваа Пасха како велигденска порака го упатуваме словото од Св. Јован Златоуст кое се чита токму на денот на Пасха. Во продолжение следува содржината на тоа слово:

Кој е благочестив и богољубив, нека се насладува со ова чудесно и светло торжество на преславното Христово воскресение. Кој е благоразумен слуга и не ги сокрива во земја дадените му од Бога таланти, нека влезе радосен во радоста на својот Господ. Кој се потрудил со пост, нека го земе сега својот динариј. Кој работел уште од првиот час, нека ја прими денес својата праведна плата. Кој дошол по третиот час, нека празнува со благодарност. Кој успеал да дојде по шестиот час, нека не се беспокои ниту најмалку, бидејќи од ништо нема да биде лишен.

Кој задоцнил до деветтиот час, нека пристапи без да се сомнева и без да се плаши. Кој стасал дури во единаесеттиот час, и тој нека не се плаши заради своето доцнење. Бидејќи штедриот и великодушен Господар го прима и последниот како и првиот; го успокојува оној што дошол во единаесеттиот час, како и оној кој работел уште од првиот час; и последниот го милува по снисходење и првиот го задоволува со заслужена награда; и на оној му го дава заслуженото и овој го дарува по Својата добрина; и делата добри ги прима со радост и намерата ја поздравува со љубов; и на трудот му оддава чест и расположението го пофалува.

Затоа, сите влезете во радоста на својот Господ; и првите и вторите примете плата;

богати и сиромаси, еден со друг ликувајте;

воздржници и мрзливци, почитувајте го денот со општо торжество;

вие кои постевте и кои не постевте, веселете се денес.

Трпезата е обилна, од неа наситете се сите. За блудните синови Отецот го закла угоеното Теле, никој нека не излезе гладен, сите насладете се со гозбата на верата, ползувајте се од богатството на добрината.

Никој нека не се жали од сиромаштија, зашто се јави општото царство. Никој нека не тагува заради гревовите, зашто од гробот на Спасителот заблеска простувањето. Никој нека не се плаши од смртта, зашто нè ослободи смртта на Спасителот.

Ја поништи Оној Жизнодавецот Кој беше од неа обземен. Го опустоши адот Оној Кој слезе во адот. Се огорчи адот што го вкуси Телото Негово.

Претскажувајќи за тоа столетија порано, пророкот Исаија воскликна: Адот, вели, се огорчи, кога долу Те сретна,

адот се огорчи, бидејќи се поништи,

адот се огорчи, бидејќи се посрами,

адот се огорчи, бидејќи се умртви,

адот се огорчи, бидејќи се сотре,

адот се огорчи, бидејќи се окова.

Прими тело, а наиде на Бога. Прими земја, а во неа сретна небо. Го прими она што го гледаше, а потпадна под она што не го гледаше.

Каде ти е, смрт, бодилото?

Каде ти е, аду, победата?

Воскресна Христос и ти се ничкоса. Воскресна Христос и паднаа демоните. Воскресна Христос и се радуваат ангелите. Воскресна Христос и животот се зацари. Воскресна Христос и никој не остана мртов во гробовите, зашто, Христос, воскреснувајќи од мртвите, стана првина меѓу умрените.

Нему слава и власт во вековите на вековите. Амин.

 

Христос воскресе!

 

На Пасха, 2023 година

 

Ваш молитвеник пред воскреснатиот Христос

Архиепископ и Митрополит
Охридски и Скопски Јован