Ј О В А Н
по милоста Божја, Архиепископ охридски и Митрополит скопски, до целата полнота на нашата најсвета Архиепископија Охридска
Благодат, милост и мир, од Христа Спасителот наш Кој се роди во тело
Браќа сослужители и чеда во родениот како човек Бог и наш Спасител Исус Христос,
Доколку човекот го студира животот, а не само некои негови издвоени дисциплини, ќе забележи колку е истиот непредвидлив и неспознатлив. Непредвидлив е затоа што секој животен момент може да влезе во многучислена комбинаторика, а неспознатлив е затоа што ние сме дел од Бога, според зборовите на богомудриот Григориј Богослов.
Дел сме од Бога велиме пред големата тајна на Божјото вочовечување, зашто Бог се вочовечи и ги прими на себе сите делови од створената природа во која секој од нас е само дел, а Он Богочовекот Христос, целина. Он е цел Бог и цел човек.
Бивајќи предвечен Бог пред многу векови се роди и како човек, но се раѓа повторно и денес, за секого од нас, а ние токму тоа денес го празнуваме, како празник на нашето обожување, зашто Бог стана човек, за човекот да стане Бог.
Рождеството Христово е мајка на празниците, зашто тоа што се случува овој ден дава смисла на другите празници, но дава смисла и на животот човеков. Денес Бог станува човек за нам грешните да ни ја отвори вратата кон животот без грев. Зашто вечниот живот по кој копнееме нема да биде живот во грев полн со бесмисла, туку живот без грев, со цел и полнота.
Тој живот со цел и полнота започнува со Христовото вотеловување, а неговото вотеловување постана почеток на човековото обожување. Благодарение на тоа што Христос дојде меѓу нас и прими тело како еден од нас ние ја добивме можноста да станеме богови по благодат.
За тоа сме му денес благодарни, за тоа му оддаваме славословие, за тоа исповедаме дека друг Бог освен него не знаеме.
Таквата наша вера Бог ја наградува. Просветлени сме да веруваме, но и да исповедаме дека во вечноста ќе остане само Црквата на Богочовекот. Сѐ друго ќе исчезне и ќе ја покаже својата трулежност. Затоа, да не запаѓаме во безрасудни мечти, а уште помалку во промашени дела, бодрејќи се секогаш во верата во вочовечениот Син Божји.
Поднесовте, или подобро речено, сите заедно поднесовме многу искушенија последниве седумнаесет години. Но, верата во Богочовекот нѐ покажуваше поцврсти од дијамант. Таков завет ни предадоа нашите претходници, браќата и сестрите по вера, мачениците и исповедниците што не се согласија да ја продадат верата за ништо од овој создаден свет, ниту за пари, ниту за позиција, ниту за слава, ниту за моќ. И што постигнаа, квасецот нивни го созреа лебот кој сте токму вие, направен од брашното што го сомлеа забите на вашите крволочни противници, чии имиња дури и да не бидат заборавени, ќе бидат запаметени како името на Понтиј Пилат кое влезе во Символот на верата, но за осуда.
Пандемијата од COVID-19 што ја зафати целава наша планета, браќа и сестри, носи последица по сите жители на земјава. Или веќе самите сме се изложиле на опасностите што ги предизвикува споменатиот вирус, или борбата со вирусот ја водел некој од нашите ближни. Од многумина вирусот е победен, но многумина успеал и тој да победи. Затоа неминовно ни се поставува прашањето: А кој го создал тој наш непријател, Бог, ѓаволот, или го создала сама створена природа?
Бога веднаш да го изземеме, зашто тој се воплоти да го спаси човекот од секаков непријател, ѓаволот исто можеме да го изземеме, зашто не може да направи ништо без тоа да му го допушти Словото Божјо, тогаш останува само сторената природа како единствен создател на вирусот.
Таа, природата, има моќ да создава зашто од Бога е створена да биде слободна. Еднаш дадената слобода ниту семоќниот и седржител Бог не сака да ѝ ја одземе. А таа се нафрли на човекот, зашто претходно човекот се нафрли врз неа.
Вакви и уште поголеми од овие искушенија ќе следуваат доколку човекот не го прими и не го следи како „пат, вистина и живот” Богочовекот Христос. Не се овие тешки и заплашувачки зборови и тоа во време кога на сите ни треба утеха одозгора, туку предупредување дека кон тој правец води животот без покајание.
А без покајание не може да нѐ спасува ниту Бог Кој заради нас и нашето спасение стана човек. Нема да го уништи ни плодот на слободата на природата, слобода која Тој ѝ ја подарил.
Ако Бог е неутрален во нашата борба со вирусот, ние ќе ја загубиме битката, ако не од вирусот кој се создаде последниве години, тогаш од вирусот кој ќе се создаде наредните години. Не можеме трајно да извојуваме победа ниту над еден мал вирус без помошта на Оној Кој денес постанува како еден од нас луѓето.
Затоа возљубени и чесни отци, драги браќа и сестри собрани денес во телото на Богочовекот да го растуриме социјално растојание што го промовираа некои од Владата на нашата татковина. Не може да нѐ спаси социјално растојание, зашто кој него го промовира за начин на борба со вирусот е противник на социјалната близина на христијаните. Ние христијаните сме едно тело зашто се причестуваме со едниот Христос и следствено на тоа имаме социјална близина.
Може да држиме и препорачливо е да држиме физичко растојание, но никако социјално растојание кое ќе го попречи секое духовно општење меѓу нас во телото на Богочовекот Христос.
Вие сте сведоци дека од почетокот па сѐ до денес, а ќе продолжиме и понатаму да ве потттикнувавме да се држат сите мерки пропишани од Светската здравствена организација за заштита во пандемијата, но ниту сакаме ниту можеме некому од вас да му препорачаме да држи социјално растојание со вочовечениот Бог, или со браќата и сестрите по вера со кои го градиме телото на Богочовекот Христос.
Такво социјално растојание за жал држат повеќемина во оваа наша татковина. И тоа уште пред да настапи пандемијата, го прават тоа и за време на пандемијава, а ако не се покајат веројатно ќе продолжат да го прават и откако пандемијава ќе биде победена.
Од таквите да не земаме пример, но за пример секогаш да ни бидат оние кои се вградиле во телото на Оној што заради нас прими тело, а тоа се светителите од сите епохи, па и од нашето време. Заедно со нив да го прославиме овој величествен празник.
ХРИСТОС СЕ РОДИ!
Издадено на Божиќ 2020г.
во Ставропигијалниот манастир „Св. Јован Златоуст“ во Битола
Ваш молитвеник пред Бога,
Архиепископ и Митрополит
Охридски и Скопски Јован