Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Ј О В А Н

по милоста Божја, Архиепископ охридски и Митрополит скопски,
до целата полнота на нашата најсвета Архиепископија Охридска

Благодат, милост и мир, од воскреснатиот во слава, Господ и Бог и Спасител наш Исус Христос.

Обвиткани со радост заради панаѓурот над панаѓурите, но сепак со доза на тага зашто оваа пасхална порака ви ја испраќаме од прогонство, се обраќаме до вас чесни отци, преподобни монаси и народе од Бога возљубен, зашто

Христос воскресна – без оглед на тоа што некои не веруваат;

Христос воскресна – и покрај тоа што сè уште има такви кои повторно би го распнале;

Христос воскресна – без оглед на тоа што некои живеат како Тој воопшто и да не се родил;

Христос воскресна – и покрај тоа што некои во животот само го погребуваат.

Тешко е за вашиот Архиепископ на овој Голем Ден да не е меѓу својата паства, како што знам дека е тешко и за клирот и паствата да не е меѓу нив на Пасха нивниот пастир. Но, ако само преку Велики Петок е можно да се стигне до Воскресението, тогаш нема друг пат до Царството на невечерниот ден, освен овој на кој докрај треба да го износиме барем својот крст. Велиме барем својот крст, зашто за Христијаните е својствено да го преземаат товарот на крстот и на ближниот. Вие свесно и одговорно го дигнавте на себе и крстот на оние кои покрај вас живеат во схизма, на оние кои се надвор од канонските граници на Црквата, па следствено заради тоа немаат благодат, што значи немаат сили и енергии сами да го носат својот крст.

Таквата одговорност што ја презедовте, ве прави достојни за почит. Сами знаете каков углед заради тоа имате меѓу другите Христијани, но истовремено сите сме свесни дека е многу тешко да живееш покрај расколници, покрај луѓе со искривена вера и настран етос, покрај нашите роднини, пријатели и комшии кои сакаат без крст да влезат во Воскресението. Затоа големо е тоа пред Бога што им помагате во носењето на нивниот крст, што нивниот крст го носите заедно со својот, и тоа без негодување и револт, зашто само така му е угодно на Бога носењето на крстот.

Ако некој одврати и рече дека само Христос има толкава љубов, да го носи крстот дури и на оние што го мразат, дозволете ни да ве потсетиме дека да се носи толку тежок крст каков што е крстот на непријателите на Црквата е неможно без Божјата благодат. Природата и сè што постои во неа нè учи дека треба да ги мразиме непријателите, да се бориме жолчно против оние што ни се спротивставуваат на своеволието, да ги поразуваме сите што ќе ни го попречуваат патот, но благодатта што ни се дава во Црквата и нè подига до совршенство, ни помага да ја надминеме природната гневливост дури и против оние што непријателствуваат на Црквата.

„Доста ти е мојата благодат, зашто мојата сила се покажува совршена во слабоста” - му рече Господ на Апостол Павле кога овој се молеше Господ да му даде полесен крст (2 Кор. 12,9). Од тоа и ние научивме да не се молиме за полесен крст, туку да се молиме за дополнителна благодат. Ама за да ја сместиме сета благодат што Воскреснатиот според љубовта Негова ни ја испраќа преку Светиот Дух, потребно е да бидеме чисти. Чисти во срцето, што би рекол св. Макариј Египетски, или чисти во умот, што би рекол св. Григориј Палама. Етичката чистота секако не е целта и крајот, таа е само почетна неопходност на патот кон обожувањето, на патот кон Царството на нашиот Отец.

Ако направиме една споредба со деновите кога стапивме во литургиско и канонско единство со Црквата Божја, со Црквата на Воскреснатиот, ако во мислите се вратиме на она што се случуваше изминативе девет години, речиси да нема некој од нас кој не го гледа напредокот во квалитетот на црковниот живот на нашата гонета и маченичка Црква. Но, како што во првите три века по Христа, кога Црквата беше гонета растот и напредокот беа поспори за разлика од годините и вековите после тоа, кога Црквата немаше надворешни непријатели, така и нашиот раст постојано е придушуван од нашите гонители, и постојано потиснуван со нивната нескриена желба ако е можно и потполно да биде задушен.

Нивниот неуспех е очебиен, нивниот срам е извесен. И тоа е секогаш така кога го гониш Христа. Забораваат нашите гонители дека Христос одолеа на гонењата, дека ниту крстот, ниту гробот не можеше да го задржи, туку Тој воскресна. Воскресна за да биде со нас, со Црквата Негова што е подготвена да го носи Неговиот крст, што е подготвена да ја пие чашата од која пиеше и Тој. Треба да си навистина избезумен во сопствениот гнев, како што впрочем очигледно се избезумени нашите гонители, па да не знаеш дека Христос е непобедлив. Него ниту смртта, ниту пеколот не го победија, та ниту новите членови на синедрионот, ниту пак новиот Понтиј Пилат, кои се јавија во нашата татковина, ќе успеат да го победат. Секое ново гонење е само нов влог во трезорот на даровите на нашата Црква. Но, секое ново гонење е нова лузна по лицето на расколниците во нашата татковина, зашто сите знаат дека гонењата на Црквата што ги спроведува власта всушност се по барања на расколниците.

Во овој Голем Ден на утеха, љубени чеда во Господа, примете ја нашата порака на надеж, порака со која ве известуваме дека нема уште долго да потрае овој метеж и неспокојство, во кој се најдовте не по ваша вина. Привршува периодот на големата проба што требаше да ја направиме за да влеземе во радоста Господова. Ја потврдите вашата постојаност во верата, вашата пожртвуваност во љубовта, вашата закотвеност во надежта која е Христос. Се ближи денот кога вашите противници ќе останат бездејствени, не зашто злобата нивна ќе се смири пред подвигот на вашата љубов, туку затоа што веќе ги употребија сите оружја што им беа на дофат, сите отрови со кои располагаа. Безгласни беа и годиниве наназад, како што добро знаете, не одговараа ниту еден збор кога ги кастревме со мечот на вистината, но отсега па натаму ќе бидат и сè побездејствени во злото, зашто злобата нема толку реквизити за мачење колку што доброто, правдата и вистината можат да одолеат во сведочењето.

Ви посакуваме овие светли денови да ви ја утврдат радоста што веќе ја имате, и неразделно да се соедините со Воскреснатиот Кој како што нелажно ни вети ќе биде со нас засекогаш.

Христос воскресна!

На Пасха 2011 година.

Ваш молитвеник пред воскреснатиот Христос
+Архиепископ охридски и Митрополит скопски Јован