Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Ј О В А Н
по милоста Божја, Архиепископ охридски и Митрополит скопски, до целата полнота на нашата најсвета Архиепископија Охридска



Сними ја пораката



Благодат, милост и мир, од родениот во Витлеем, Господ и Бог и Спасител наш Исус Христос

Браќа сослужители и чеда во Христа возљубени,

Планетата на која живееме веќе постана еден град, вистина град со огромни димензии, но сепак, само за еден ден можеш да стигнеш и на најоддалеченото место од тој град. Жителите, пак на планетава Земја постанаа наши сограѓани, без разлика дали живеат во нашето село, во Европа, Америка, Африка или Австралија. Како се оддалечуваме од денот на падот на нашите прародители, сè поблиску ни станува библиското ветување дека сите ќе живееме во еден град, во новиот Ерусалим.

Но, многумина наши сограѓани живеат со изгубена ориентација за целта на животот, истиот го трошат и го ситнат низ патешествија по големиот животен лавиринт, а во него се губат и не стигнуваат никаде. Завршуваат во некоја слепа уличка на тој лавиринт, изморени од талкање, без волја за нов почеток, и потиснати од товарот што го носат со себе, мислејќи дека токму тој е нивното богатство со кое ќе се искупат.

Кратко речено, човекот има слобода да поставува краткорочни и долгорочни цели во животот, има слобода дури и да влијае на целите на бесловесната природа, ама таа негова слобода го прави многу одговорен, како за себе, така и за судбината на сè што го окружува. Ако човекот се дезориентира, не ја постави или ја изгуби целта на животното патешествие, по своја вина ќе ја загуби шансата за вечен живот и жителство во новиот Ерусалим. Ако пак попатно, намерно или ненамерно, во својата дезориентација ја повлече и околината во која живее, тогаш виновен е двојно.

Сето ова погоре речено прима друго значење, ако се стави во сооднос со Христовото доаѓање на нашава планета. Тој дојде како нов Адам, да ја обнови паднатата створена природа, и тоа го направи. Го откупи гревот на нашите прародители, но не за да се задоволи правдата на Отца, како што некои тоа го толкуваат, туку самото Негово доаѓање меѓу луѓето е Божја икономија на искупување. Самиот настан на Христовото воплотување е икономија на искупувањето, Неговиот живот, поуките, аскезата, чудата, крстот и на крај воскресението, сето тоа е Божја икономија на искупувањето и ја нарекуваме така зашто е дело на Божјата слобода.

Христос не дојде меѓу нас затоа што мораше да дојде, затоа што од некого беше присилен или принуден. Единствено слободата која кај личностите на Светата Троица се поистоветува со љубовта, го доведе Христа до одлука да пострада за нас, а тоа не го направи за да се откупи гневот на Отца, бидејќи на Отца не му прави никакво задоволство страдањето на Неговиот возљубен Син заради гревот на човекот. Не се воплоти значи Христос под некаква принуда, туку се воплоти за нас со таквото негово дело да нè сроди со Бога. Тој се воплоти за ние да се обожиме.

Денес го славиме тоа Негово дело на големиот домострој на спасение на створената природа. Ден кога човекот се измири со Бога, кога се превоспостави заедницата со Него и кога смртта постана премин кон вечноста. Ден кога сите освен злочестивиот Ирод се израдуваа на Неговото доаѓање. Ангелите му принесоа химни, небесата ѕвезда, мудреците дарови, пастирите чудо, земјата пештера, пустината крошна, а ние пак му ја дадовме Мајката, Девицата Марија.

Колку што е голема љубовта на Христос да прими на себе сè што е човечко, толку е голема слободата на Пресвета Богородица да му ја даде на Бога човечката природа. Затоа нејзиното дело е најголемиот принос што човекот можеше да го принесе на Бога. Без Богородица, семоќниот Бог ќе беше немоќен да го спаси човекот, без благословената Маријам човекот никогаш не ќе можеше да се сроди со Бога. Таа е нашата скала кон небото, преку неа Христос слезе до нас, преку неа ние се качуваме кон Отца.

Во овој ден во кој нагласено ни се покажува дека крајот што со нетрпение го очекуваме е благословен и после него сè ќе биде добро, не можеме и не смееме да не се обѕрнеме на сегашната ситуација во нашата помесна Црква, која сè уште е во прогон, а нејзините членови остануваат со одземени основни човекови права. Навистина жално што и ова Божикно послание Ви го испраќаме од прогонство каде веќе две години без престан нè држи власта во нашата татковина. Сепак, можеби и власта би била почовечна ако на такви злочестиви одлуки не ги принудува расколничката јерархија која во безумството на нивната потполно неприродна состојба на раскол, сите нас би нè жртвувала за сопственото удопство. Срамно и недостојно е нивото на кое епископите на таа расколничка организација го доведоа свештенството што им се потчинува. Само заради недоличниот живот на расколничките епископи, свештениците се денес понижени, озборувани, навредувани и омаловажувани. Меѓу нив има и достојни мажи, но тие не можат да се одлепат од калта со која се извалкани, не по своја вина, туку по вина на оние што упорно од користољубие и заради сопствени повластици, го држат свештенството во мизерија, некои на работ на економска пропаст, додека други во страв да ја премолчуваат вистината. Само неколкумина што се блиску до тронот, само тие свештеници живеат удобно, под грижливата заштита на покровителите (расколничките епископи), покриени и тогаш кога го соблазнуваат народот со тоа што одат во јавни куќи, во казина и на многу други непристојни места.

Токму таквите лажи-епископи што само заради свое користољубие сè уште опстојуваат во расколот, успеаја за многу кратко време, за последниве неколку години, да ја срушат сопствената позиција, па без оглед на тоа што се сè уште владини миленичиња, станаа црква позната по скандали. Не чекаат да заврши една соблазна за да започнат друга. Ние во оваа прилика нема да им ги броиме нивните скандали, но токму оние што само до вчера беа нивни најголеми покровители, а тоа се средствата за информирање, денес се најголеми нивни критичари. Вистина, тоа го прават со големо задоцнување, но сепак го видоа она што уште пред неколку години, тогаш благовремено им го откривавме.

Сепак има и нешто добро, а тоа е што расколниците конечно сфатија дека како Македонска Православна Црква никогаш нема на бидат признати од никого, па го променија името со одредени додавки, но сега станаа ни вода ни киселина, како што вели народот. Жално е што изгубија седум години, а како што изгледа, ќе губат уште многу додека да сфатат дека никогаш и никој нема да им даде повеќе од она што нам пред седум години ни беше дадено, а тоа е најширока црковна автономија. Ова е особено јасно после решенијата од Подготвителната комисија за Големиот Вселенски Собор што пред само неколку денови се одржа во центарот на Вселенската Патријаршија во Женева.

Љубени чеда на нашата смерност,

Покрај сите разлики што постојат со расколниците, наша должност е да им подадеме рака, како што нè учи Оној Кој се воплоти заради нас. Тој ни вели дека кога правиме добро, или лошо на еден од нашите најмали браќа, исто како тоа Нему да му го правиме. (Мт. 25, 31-46) А ние секако не сакаме да му правиме нешто лошо на Христа. Ирод сакаше да го убие додека Христос беше сè уште во пелени, мал и немоќен да се брани. Многу слично како што расколниците се обидоа да ни направат нас, кога сè уште бевме слаби, кревки и нејаки. Не дека сега сме силни, но Господ на Кој му служиме, Тој е силен, Тој е семоќен, Тој е славен, па ги посрами, а ние со Него сме силни, непоколебливи и истрајни. Како луѓе грешиме, имаме недостатоци и слабости, но во сите овие години на искушение, помогнати од нашиот Господ се покажавме доследни на името христијанско. Дури и најголемиот злобник тоа не може да ни го приговори. Доследноста пак, таа е својство на љубовта. Таа ја прави љубовта непоколеблива, цврста и секогаш растечка.

Затоа, не само во овие денови на огромна благодат која ни се дава одозгора, туку секогаш ве повикуваме да ги љубите своите непријатели, а дотолку повеќе расколниците, кои не се сите наши непријатели. Ние немаме друго оружје за борба освен љубовта. Кога нè гонат да ги благословуваме и да не престанеме да ги љубиме и тогаш кога прават сè за да нè нема. Зашто токму на тој начин Христос го победи светот, токму со тој метод и ние досега победуваме. Но, тоа воопшто не значи дека треба да ја премолчуваме вистината, или не дај Боже да ја искривуваме.

Така, ако расколниците мислат дека ќе ја изиграат цела Црква и ќе добијат некаква самостојност, или самоуправа, патем речено, поими што канонското право на Црквата не ги познава и не се во општа црковна употреба, тогаш мислиме дека се лажат себеси. Тие треба многу да сторат за да ја поправат недовербата што со многу претходни сочиненија ја предизвикале кај другите Цркви, а не со подли досетки да мислат дека сите ќе ги изиграат. Подготвителната комисија за Големиот Вселенски Собор во Женева утврди само два термина за црковната состојба: автокефалија и автономија. Трето нема. Што значи нема да може расколниците да бидат самостојни, или самоуправни како што изјавуваат, а тоа да подразбира автокефалија. Наспроти таквите досетики со кои само ја манипулираат јавноста, треба да се покајат за расколот во кој опстојуваат, јавно да признаат и да прифатат дека наместо богослужба прават театар, а не секој клисар што им доаѓа од некоја помесна Црква да го претставуваат како висок црковен дипломат. Без искреност и покајание, нивниот статус е нерешлив, зашто помина времето кога некои долгогодишни схизми се решаваа со политички притисоци. Сега Црквата во вселената главно е слободна, освен секако во нашата татковина, и незамисливо е без предлог на мајката Црква, како што тоа е всушност и предвидено да биде усвоено на Големиот Вселенски Собор, некоја Црква да добие автокефалија или автономија.

Ви посакуваме на сите во овие денови на радост да се радувате во Господа. Милоста Негова да ве следи на секое место и во секое време, благодатта Негова неповратно да ве посети во тајното место на вашето срце и никогаш да не се разделите од љубовта Негова. Исполнет со надеж дека наскоро ќе се видиме,

+Јован Архиепископ охридски
и Митрополит скопски

на Божик 2009