Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

до свештенството, монаштвото и побожниот народ
на нашата најсвета Архиепископија



Сними ја пораката


При сите настани за кои луѓето сметаат дека им се значајни, се допишуваат или испраќаат соодветни пораки едни на другите. Како во моментите на радост, така и во моментите на тага сакаме да сме близу до оние кои ги љубиме, за да соучествуваме во нивната состојба. Тагата на нашиот брат е наша тага, но и радоста на нашиот ближен треба да е наша радост. Затоа, тогаш кога сме физички далеку, но духовно настроени кон еднодушност, ние, едни кон другите испраќаме слово, било по традиционален, било по современ начин на комуницирање. Начинот е само средство, но битно е самото слово.

Ползувајќи ги средствата кои ни се достапни, и ние, Вашиот Архиепископ и пастир, а за да учествуваме во радоста заради големиот настан на Раѓањето Христово, ја испраќаме оваа Божикна порака до сите Вас кои родениот во тело, Господ Исус, Ве повика и привлече, Ве просветли и избра, да го познаете Него како Христос, како Помазан, како совечен Син на беспочетниот вечен Отец. Со поракава, пак, намераваме да ја зацврстиме верата, да ја обновиме надежта, да ја разгориме љубовта на сите нас кои го славиме Бога како Богочовек. Сакаме да Ве повикаме на учество во истата Литургија, во истиот домострој кои за сите нас ги совршува самиот Христос. А, почетокот на Литургијата, почетокот на домостројот е Раѓањето во тело на Синот Божји.

Се роди Бог како човек. Тоа значи доби тело и стана како нас луѓето. Токму во овој настан, неслучен дотогаш и неповторен оттогаш се наоѓа почетокот на единството на Бога и луѓето, на Творецот и творбата. Дојде Бог за да ни реши еден проблем кој ние самите неможевме да го решиме. Дојде да го реши суштинскиот проблем на сечие постоење, а тоа е смртта.

Ние сами не можевме да решиме нешто што е над нашата моќ, нешто што е над нашата способност. Никој себе си не може да се направи бесмрттен. Иако имаме желба да сме бесмрттни, иако копнееме и жедни сме по живот вечен. Христос дојде за да ни го подари она што сами не можеме да го стекнеме, за да ни го даде она без кое навистина сме сиромашни.

Христос, значи, дојде за да нè пренесе во вечност, за да ни ја подари иднината, за да нè израдува со бесмрттноста. Дојде како Сонце на правдата за да нè просветли, да нè освети, да нè спаси од пропаст. А сето ова не можеше да го направи ако не станеше човек. Но, исто така, не можеше и ако престанеше да биде Бог откако се вочовечи.

Потребно беше да биде човек, зашто за луѓето, спасението и животот во вечноста не е само вечност за душата, туку спасение и живот на целиот човек, а тоа значи и на телото. Затоа, Синот Божји, бивајќи Бог од вечност се облече и во човечко тело, прими разумна душа и ништо од она од кое е составен човекот не му остана туѓо. Токму заради тоа, Тој го спаси целиот човек, не само некој човеков дел.

Од друга страна, Христос никогаш не престана да биде Бог, Син на небесниот Отец, кој восиновувајќи нè во Него постана и наш Отец. Бог слезе од небесата, за телото човечко да седне од десно на Отца. Бог се понизи, се испразни, се смири, за човекот и сè она што е створено, но и секоја личност пооделно да се подигне.

Ако Христос беше само човек, ништо од ова не ќе можеше да направи, зашто многумина пред Него, паметни, мудри, надарени и морални луѓе, не можеа ниту сами за себе да ја победат смртта, а уште помалку да им дадат образец за вечно постоење на другите. Ако беше, пак само Бог не ќе можеше да го спаси она што самиот не е. Така, неопходно беше да дојде како Богочовек, како нов Адам, како она што е единствено ново под сонцето.

Ете, тоа Негово доаѓање на земјата, меѓу луѓето денес го славиме. Го славиме Неговото раѓање во Витлеем, Митрополијата на Христијаните. Тој настан има суштинско значење за целата створена природа. Без таа случка, ние луѓето, но и целата створена природа заедно со нас сеуште ќе стенкаше во мракот на смртта и пропаста.

Затоа, возљубени чеда во Христа воплотениот,

да бидеме благодарни на Бога што нè посети и стана како еден од нас. Да бидеме благодарни зашто преку понизноста Негова ние се воздигнавме. И да го прославиме овој настан како што приличи на просветлени луѓе, свесни за благодатта која ја добиваме од празникот, но и одговорни за домостројот што го воспостави Богочовекот Христос. Не да прославуваме со срамни пијанки и недолични песни како што тоа го прават расколниците околу нас, туку да славиме со духовни песни, собрани на Литургија, околу Телото и Крвта на Оној Кој за нас прими човечко тело и човечка крв.

Ако знаеме зошто Христос се роди во тело, ако веруваме дека нема друг Бог освен Оној единиот Кој се објави во Троица, тогаш воопшто нема да ни биде тешко да знаме зошто Црквата може да биде само една, зошто не може да има две или повеќе Цркви. Ќе ни биде јасно зошто расколот е црвец кој го нагризува самото тело на Оној Кој денес се раѓа во тело, но не само тоа. Ако знаеме зошто Христос се роди во тело ние ќе направиме сè да бидеме во единство со Него, не психолошки, и не мисловно, туку реално, како членови на тоа Негово од жена родено тело кое е Црква. А бидејќи Христос не се роди два или повеќе пати, бидејќи нема две или повеќе тела, а следствено на тоа нема ниту две или повеќе Цркви, тогаш важно е да се подвлече дека единството не е украс, тоа е суштина, а расколот не лузна, тој е пропаст.

Посакуваме и горешто се молиме, малиот Бог кој денес се раѓа, да го осмисли животот на сите нас, да нè причисли на Неговото човечко тело кое е Црквата и тој да биде нашиот цар кому вечно ќе му се поклонуваме како некогаш мудреците од исток.

Христос се роди!

Божик 2007

Архиепископ и Митрополит
+Охридски и скопски Јован