Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

16.10.2004

Момче, „тебе ти велам - стани”, му рече Господ Христос на синот на наинската вдовица, кој го носеа упокоен веќе надвор од вратите на градот за да го погребаат. Го имаме браќа и сестри за Господ, Оној, Кој е господар над животот и смртта, го имаме за Господ Христос, Кој може да ни каже стани и тогаш кога ќе паднеме во грев, но и тогаш кога ќе паднеме мртви. Денеска во оваа недела после разрушувањето на храмот во Нижеполе особена утеха ни дава оваа евангелска перикопа, која денес ја читавме дека Господ може да подигне од мртвите, а ако може да подигне од мртвите, колку повеќе може да го подигне од рушевини и оној храм, кој го срушија незнабошците. Ако може значи да се покаже Господар на животот и над смртта, ако може највредното во светот, а тоа е животот, да го даде како дар, колку повеќе може од веќе постоечка материја да обнови или да создаде нов храм. Зашто Бог наш е Господ, Кој го створи светот „ни од што”; Тој го створи светот само со своето творечко „нека биде”. Ништо немаше Господ при рака кога го створи овој свет, а сега кога нам ни ја подарил материјата, со која можеме да господариме и од која можеме да дигаме храмови, колку послено му е и Него и нам повторно да го возобновиме она што оние, кои не знаат за Господ, го урнаа. Го урнаа, сметајќи дека ќе ни направат зло, и секако, злото го направија, меѓутоа злото, кое го направија, не може да ја уништи верата наша, не може да ја уништи надежта наша и како што рековме во првите моменти после уривањето и сега оваа недела после разурнувањето на храмот го повторуваме истото: „од оние два камења кои останаа не срушени ќе го градиме царството Божјо, за кое Господ нè повика да бидеме градители. Од тие два камења ќе го обновиме храмот со солзи и со мака како што тоа го правевме и до сега, меѓутоа со надеж во Господа дека Господ е Тој, Кој господари, и дека помило му е на Господа храмот Негов да се изгради, отколку нам на Епископите, на свештениците, ѓаконите или народот Божји.

Ако гледате колкава жал и колкава тага имаме денес, кога храмот ни е срушен, можете само да претпоставите колкава жал и колкава тага има Господ кога го гледа Својот храм срушен. Истата жал и истата тага, која ја имаше на крстот кога ги гледаше пред себе оние кои се ругаа со Него, истата жал и истата тага, која ја имаше за народот Свој, за кого се жртвуваше и беше распнат на крстот, а тој народот тоа не го разбираше. И сега кога ги знаеме злосторниците, сега кога ги знаеме сторителите на ова злодело, што можеме да им речеме, ја преминаа секоја мера. Оние, кои сакаат да се покажат побожни, оние, кои примиле епископски чин, па нека е тоа дури и во раскол, денес се покажуваат гонители на црквата до таа мера да го рушат и Божјиот дом. Само еден е познат, браќа и сестри, кој оди до таму да го руши Божјиот дом, а тоа е ѓаволот. И секој, кој се обидува и го прави тоа рушење на Божјите домови не е ништо поразличен од ѓаволот, така што никој веќе не може да каже, никој веќе не може да остане воздржан на тоа крајно лицемерие, коешто до сега постоеше, дека во расколот може да има црква, дека во расколот може да има спасение. Како минуваат деновите и како се покажува силата Божја во оваа мала литургијска заедница, која е канонска црква на територијата на Република Македонија, ѓаволот се повеќе збеснува и стигна до таа мера денеска преку епископите на расколничката црква да ги руши и оние малку свети места, кои успеавме да ги подигнеме откако сме во канонската црква. Меѓутоа, ѓаволот, браќа и сестри, од памтивек урива, а успеал ли да го урне овој свет? Моќта градителска, која Господ ја има и која им ја дава на Своите следбеници, е многу поголема од рушителската моќ на ѓаволот. Никогаш не може ѓаволот толку да разруши колку што Бог може да створи, да создаде, да изгради. Никогаш не може ѓаволот преку своите слуги толку да уништи колку што Бог преку неговите угодници може да изгради. И затоа, да не се плашиме за иднината на црквата, да не се плашиме за тоа што не ставија во катакомби што денеска служиме исто онака како што се опишува дека служеле апостолите после Христовото воскресение. Токму денес на утреното Евангелие прочитавме дека од страв од Евреите апостолите се собираа да служат Литургија, заклучувајќи ја вратата. Во таков страв денес сме и ние, ако можеме да го речеме тоа страв, затоа што, имајќи го искуството на апостолите, имајќи го искуството на мачениците и на светите отци до наше време, ние дури и тој страв денеска го чувстуваме со многу помал интензитет, затоа што знаеме дека стравот е отсуство на љубовта, а ние како заедница осветена во Христа ја имаме љубовта за врска на совршенство; ние живееме во љубовта, заради љубовта Божја и во љубов со сите, кои сакаат да заедничарат во Господа.

Но, оние, кои доброволно одбираат да се надвор од заедницата, оние, значи, на кои помил им е ѓаволот и слугите негови, оние, кои сакаат да останат во раскол и да не влезат во царството Божјо, со нив ниту овде, ниту некогаш понатаму ќе можеме да имаме заедница, особено сега кога ја покажаа до крајна мера нивната расколничка свест, откако се покажаа рушители на црквата. И каков прием во канонската црква очекуваат тие, кои немаат вистинска вера, немаат чиста вера, тие, кои се покажуваат и на дело и по вера рушители на сè она што Господ го создава. Не можеме, браќа и сестри, колку и да ги љубиме, со нив да имаме заедница. Сум ви говорел - секогаш молете се дури и за расколниците. Не можеме нив да ги спомнуваме на Литургија, затоа што не се во потполно единство со нас, но, се молиме Господ да ги просветли, да ги извади од темнината, во која се ноѓаат, за да научат и да го видат Господа на славата, Кој за нив исто така Се распна и воскресна како и за нас. Но, сега, после ова крајно злодело, кое го направија, не можам веќе да ви речам - молете се за нив, затоа што исто би било како да ви речам - молете се за ѓаволот. Има во нашето богато предание и такви отци, кои советуваат дека дури и за ѓаволот треба да се молиме, но не е за сите препорачливо да се молат за ѓаволот, затоа што ѓаволот од памтивек, а и засекогаш е ненавистник и џабе е молитвата за него. Изгледа џабе е молитвата и за овие лажи епископи на расколничката иерархија во Македонија, кои се покажуваат како гонители на црквата. А, што да ви речам, пак, за незнабожечката власт, која во содејство со расколниците ја сруши црквата, да ви речам - за неа молете се? до денес се молевме за неа, меѓутоа таа власт не заслужува човек да се моли за неа. Затоа што, како можеш да се молиш за оние, кои не сакаат да влезат во царството Божјо? А по што заклучуваме дека не сакаат да влезат? Па, го рушат Божјиот дом. Домот Божји, кој е икона на царството Божјо во овој свет; ако го рушат Божјиот дом, ако го рушат местото, значи, кое го иконизира царството Божјо во овој свет тогаш како сакаат да влезат во царството Божјо. А, ако не сакаат доброволно да влезат во царството Божјо, како можеме да се молиме за нив, кои не сакаат да влезат во царството Божјо. Затоа и одлучивме браќа и сестри да не се молиме веќе ни на Литургијата за власта, затоа што во ваков случај власта се јави како гонител на црквата.

Власта нè стави во катакомби, под земја, власта нè избрка од манастирите и црквите, власта нè остави на улица да се молиме, сега и таму им сметаме, па нè суди тогаш кога се молиме на улица под ведро небо, нè затвора и не осудува на робија. да се молиме за таквата власт? Браќа и сестри, времето, кое го живееме во многу потсетува на последните времиња. Кога ќе дојдат тие последни времиња само Господ знае, ниту ангелите на небесата не знаат. И не треба да се впуштаме во прогнози кога Господ ќе го даде последниот час, меѓутоа, за оној, кој е верен на Господа, последниот час е сега и овде. За оној, кој е верен на Евангелието и на заповедта Божја, последниот час е оваа Литургија, зашто секоја Литургија ни го објавува последниот ден, осмиот, невечерниот и затоа денес и после ваквата катаклизма, која ни се случи, ние сме радосни, ние сме во ситуација, браќа и сестри, да речеме - ти благодариме, Господи, а тоа го гледам и во очите ваши, го гледам и на лицето ваше. Какво злодело да ни направат, ние одговараме со љубов, каква и катастрофа да ни се случи, ние го прославуваме Господа. Му велиме – Господи, ти благодариме, и дури и за ова не сме достојни. Сфаќаме ние, браќа и сестри, во покајание, дека не сме достојни за толкавата голема милост Божја, која се изли на нас во последново време, како што пророкот вели дека во последното време Господ ќе ја излие благодатта Своја над верните Свои. Ние го живееме тој последен ден, го живееме свесно и одговорно, и затоа благодатта Божја толку изобилно се излева врз нас, затоа што наспроти секоја убавина на земното царство, го одбравме тесниот и трнлив пат до Небесното царство, и не погрешивме. Ќе пропатиме малку во овој свет, ќе имаме тешкотии од злобниците, кои ја ненавидствуваат црквата, особено потешко ни паѓа што имаме пречки од нашите браќа, кои се покажуваа како верни на Господа, а во суштина сега кога престанаа со лицемерието, светот ги виде дека не се ништо друго освен гонители на црквата. Овој настан, кој ни се случи, ова рушење на храмот, кое го видовме пред очите наши, во суштина нè прави само поодговорни. да бидеме вистински столбови на верата и да не се поколебаме; ги уриваа столбовите на храмот, но, нема да ги урнат столбовите на живата црква. Го уриваа сводот и небото, но не можат да ни го одземат нас небото. Затоа, браќа и сестри, да излеземе посилни од ваквата немоќ, која сака некој да ни ја наметне. Немоќни бевме да го спречиме рушењето на црквата пред двесте полицајци, кои дојдоа тешко вооружани, мислејќи дека ќе најдат отпор кај голораките монахињи, кои со солзи го градеа храмот. Меѓутоа, не најдоа отпор, затоа што освен со молитва ние со ништо друго не знаеме како да се браниме и така ќе се браниме до крајот на светот и векот и така ќе живееме, посветувајќи го нашиот живот на Господа. А, ѓаволот ќе ни смислува уште потешки искушенија, а Господ, пак, преку нив ќе ни дава да бидеме уште побогати од духовното искуство. Така, никогаш нема да нè победи ни ѓаволот, ни расколниците, ни незнабожечката власт. црквата ќе остане да сведочи за иднината, зашто единствено што ќе остане после сите разурнувања и сите катаклизми, после сè што ќе се случи до последниот ден, ќе биде црквата Божја, која ќе се јави како невечерен осми ден, како ден, кој со нетрпение го очекуваме. Амин.

+Јован Митрополит велески и повардарски и егзарх охридски