Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
→ оригинал

Т О М О С

за црковна автономија на Православната Охридска Архиепископија

П А В Л Е,

по милоста Божја, Архиепископ пекќи,
Митрополит белградско-карловачки и Патријарх српски,
заедно со светиот Архиерејски Собор на
Српската Православна Црква,

На Архиепископот охридски и Митрополит скопски
господин господин

Ј О В А Н

Претстоител на автономната Охридска Архиепископија

Согласно востановеното канонско Предание на Светата Црква Божја, посебно во согласност со 34. правило на Светите Апостоли:

- врз основа на одлуката на Светиот Архиејерејски Собор на Српската Православна Црква АСбр.47/1958. и АСбр.6/зап.57/1959. со којашто Светиот Собор ја прифати автономијата на Епархиите: Скопска, Охридско-битолска и Злетовско-струмичка;

- врз основа на одлуката на Светиот Архиејерејски Собор на Српската Православна Црква АСбр. 50/зап.7 од 15/2. септември 1967. година и врз основа на Согласноста за воспоставување црковно единство, потпишана во Ниш на 17. мај 2002. година, потврден од Светиот Архиејерејски Собор АСбр.38/зап.16 од 23 мај 2002. година;

- како и врз основа на одлуките на Светиот Архиејерејски Синод на Охридската Архиепископија Синбр. 1 од 25. декември 2003. година,

а имајќи ги во предвид новонастанатите историски и политички околности, со првенствена цел христоименитиот Народ Божји да напредува на патот на спасението и има што поголема духовна корист, како и тоа, управувањето со црковните работи да се одвива целисходно и без потешкотии;

Нашата света Пекќа Патријаршија, во најново време позната и како Српска Православна Црква, соборно ја благословува, одобрува, доделува и признава црковната автономија на Православната Црква во Република Македонија којашто сега ја сочинуваат следниве Епархии, односно Епископии: Света Митрополија скопска и Светите Епископии: преспанско-пелагониска, брегалничка, дебарско-кичевска, полошко-кумановска, велеско-повардарска и струмичка.

Споменативе православни Епархии биле под управа на нашата Пекќа Патријаршија до 1959 лето Господово. Тогаш им е дадена црковна автономија, којашто нивните тогашни Епископи, за жал, ја злоупотребија, прогласувајќи ги, во 1967 лето Господово, поверените им епархии, на неканонски начин, за автокефална помесна Црква. Таа самопрогласена антиканонска „автокефалија“ не ја призна ниту една Православна Црква во светот. Како резултат на овој акт на самоволие и беззаконие прикинато е литургиското општење и било каква канонска врска со новонастанатата расколничка организација, се до 2002 лето Господово, кога во литургиско и канонско единство со Српската Православна Црква - а преку неа и со Православната Католичанска Црква ширум вселената - пристапи Неговото Високопреосвештенство Митрополитот велески и повардарски г. Јован со свештенството, монаштвото и побожниот народ на својата Епархија (Митрополија).

Заради овој свој чин на архипастирска совест и одговорност гонет, злоставуван и затваран, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Јован сепак му остана до крај верен на светото Предание на Православната Црква и на нејзиното благодатно и сеспасоносно единство. Светиот Архиејерејски Собор на Српската Православна Црква потоа избра уште двајца преосветени архијереи, а Ние ги хиротонисавме, и тоа Неговото Преосвештенство Епископот полошко-кумановски г. Јоаким и Неговото Преосвештенство Епископот дремвицки г. Марко, местобљустител на битолската Епархија. После тоа, на ден 25 декември 2003 лето Господово, конституиран е Светиот Архијерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија, којшто потоа за свој Претстоител го избра Неговото Високопреосвештенство Митрополитот велески и повардарски г. Јован. Истиот до сега, во исчекување на конечно канонско средување на приликите во именуваната древна и славна црковна област, носеше титула на наш Егзарх за сите Епархии на Православната Охридска Архиепископија, а од сега, во согласност со одредбите на веќе наведената Согласност, потпишана во Ниш на 17. мај 2002 лето Господово, ќе ја носи титулата Блаженејши Архиепископ охридски и Митрополит скопски.

Ние, впрочем, со овој Наш патријаршиски и Соборен Томос, тоа званично го потврдуваме и објавуваме. Автономната Православна Охридска Архиепископија, останува, со благодатта Божја, во полно литургијско и канонско единство со, нашата Пекќа Патријаршија, односно со Српската Православна Црква, а со самото тоа и со полнотата на Најсветата Православна Католичанска Црква, што канонски се изразува преку потврда за избор на нејзиниот Претстоител од страна на Нашата смерност. Целиот имот на Српската Православна Црква, во движнини и недвижнини, на подрачјето на споменатите свештени Епархии, односно Епископии се отстапува на користење на Православната Охридска Архиепископија.

За доказ, потврда и трајно сведоштво на сето она што е на канонски начин устроено и утврдено, односно споменатите Епархии кои влегле во состав на Православната Охридска Архиепископија, му го издаваме на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски Господин Јован, возљубениот во Христа Господа брат и сослужител на Нашата смерност, со сите Преосветени Архијереи на Православната Охридска Архиепископија, наши возљубени во Светиот Дух браќа и сослужители, овој наш

ПАТРИЈАРШИСКИ И СОБОРСКИ ТОМОС

чиј изворник, точен и неповреден се чува во Архивата на нашата свештена Патријаршија.

Се молиме и посакуваме Бог на секоја благодат, Кој не призвал во Својата вечна слава во Христа Исуса, нашиот Господ, да им подари преку благодатта на Светиот Дух секаков благослов и секаков добар плод на сите Епархии коишто на овој начин се конституирале како автономна Православна Охридска Архиепископија. Нему, во Троица прославуваниот, нека е слава и моќ во вековите на вековите. Амин.

Дадено во Српската Патријаршија
во Белград, месец Мај ден 24/11, 2005 лето Господово.

Архиепископ пекќи
Митрополит београдско-карловачки
и Патријарх српски
+Павле
Претседател на Светиот Архијерејски Собор
Српске Православне Цркве

+Герасим Епископ горнокарловачки
Секретар на Светиот Архијерејски Собор